Американскиот претседател во заминување Доналд Трамп ќе полета од Вашингтон четири часа пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Цо Бајден, соопшти Белата куќа.
Трамп и првата дама Меланија Трамп ќе заминат за Флорида во 8 часот по локално време.
Претходно Трамп соопшти дека нема да присуствува на инаугурацијата на Бајден.
Церемонијата е закажана за пладне, по локално време. Околу 25.000 припадници на Националната гарда се во Вашингтон. Безбедносните мерки во градот се драконски.
Според Си Ен Ен Трамп побарал да биде испратен со црвен тепих, воен лимен оркестар и почесна стрелба од 21 пушка. Засега не е познато дали неговото барање ќе биде исполнето, пред да го почне неговиот постпретседателски живот во неговиот голф ресорт Мар а Лаго во Палм Бич.
Во своето проштално видео обраќање, американскиот претседател во заминување Доналд Трамп ја поздрави новата администрација и рече дека сега, додека се подготвува да ја предаде власта, сака да порача дека движењето што го започна е само почеток.
„Оваа недела ја инаугурираме новата администрација и се молиме за нејзин успех во одржување на Америка безбедна и просперитетна“, рече Трамп во видео пораката, чии делови ги објави Белата куќа.
Трамп одби да го признае поразот од Бајден, кој победи на изборите со 306 гласа од Изборниот колеџ наспроти 232 на Трамп и нема да се сретне со Бајден пред неговата инаугурација, туку планира да отпатува за Флорида.
„Најголемата опасност со која се соочуваме е губење на самодовербата, губење на довербата во величината на нашата нација. Америка не е срамежлива нација на кротки души кои мора да се заштитат од оние со кои не се согласуваат”, рече Трамп.
Помилуван Стив Банон
На само неколку часа пред напуштањето на функцијата, Трамп го помилува својот поранешен главен стратег Стив Банон. Во соопштението од Белата куќа се посочува дека листата со помилувани содржи 73 имиња, како и 70 на кои казната им е намалена. Меѓу помилуваните се и Елиот Броиди, поранешен соработник за прибирање финансиски средства за Трамп, кој минатата година се изјасни за виновен за кршење на законите за странско лобирање и поранешниот градоначалник на Детроит Кваме Килпатрик, кој издржуваше 28-годишна затворска казна по обвиненија за корупција. Раперите Лил Вејн и Кодак Блек, кои беа гонети за федерални дела за оружје, исто така добија помилување.
Сепак, голем број лица за кои се шпекулираше дека ќе бидат помилувани не се појавија на последната листа на претседателот, вклучително Руди Џулијани, Џулијан Асанж, Едвард Сноуден и Џо Егзотик. Трамп, исто така, наспроти гласините, не потпиша помилување за себе или членови на своето семејство.
Се уште е непознато како ќе биде предаден нуклеарниот куфер на Бајден
Официјално нема објаснување како Трамп ќе му го предаде на Бајден нуклеарниот куфер, со кој американскиот претседател во секој момент може да лансира нуклеарни ракети, бидејќи Трамп нема да присуствува на денешната инаугурација на новиот американски претседател.
Вообичаено, куферот се предава на друг помошник, кој стои до новоизбрниот претседател на инаугурацијата. Но, денеска размената ќе се случи поинаку бидејќи Трамп во осум часот по источноамериканско време ќе замине на Флорида и ќе биде претседател до 12 часот.
– Постојат најмалку три, евентуално четири идентични куфери. Еден е со актуелниот претседател, вториот е кај потпретседатело, а третиот традиционално е кај лицето одредено да преживее важни настани, како инаугурацијата. Денеска еден куфер ќе биде надвор од градот, што значи дека само куферот на потпретседателот Пенс ќе биде во Вашингтон, освен ако воената канцеларија на Белата куќа не подготвила еден за Бајден, изјави Стивен Шварц, кој повремено пишува за „Атомик сајентистс“ (Atomic scientists).
Шифрите за активација на Трамп ќе важат до 11 часот и 59 минути по локално време, по што ќе бидат исклучени.
OhridNews