Американскиот претседател Доналд Трамп го блокира најавеното објавување на над стотина документи за убиството на Џон Кенеди во 1963 година прифаќајќи го апелот од ЦИА и ФБИ тие документи да останат тајни. Тој наложи документите да поминат шестмесечна ревизија, но дозволи Националниот архив да објави други 2.800 доверливи материјали. Сепак, не се очекува нивното објавување да донесе спектакуларни откритија во врска со атентатот на поранешниот претседател на САД на 22 ноември 1963 година.

Според првичната најава, се очекуваше сите 3.100 документи да бидат објавени вчера, а Трамп навести дека во иднина може да ја смени оваа одлука и да ги објави сите документи. – Јавноста заслужува да знае што е можно повеќе за атентатот. Извршни одделенија и агенции ми предложија одредени документи да бидат редактирани во интерес на националната безбедност, како и од надворешнополитички причини. Немам друг избор денеска, освен да го прифатам ова редактирање за да спречам да ѝ биде нанесена непоправлива штета на нашата национална безбедност – соопшти претседателот Трамп по задржувањето на дел од документите како државна тајна.
„Викиликс“ на ова реагира нудејќи 100.000 долари награда за објавување на овие преостанати документи.

Илјадници новинари, историчари и обични граѓани од вчера систематски ги пребаруваат документите што се јавно достапни на интернет-станицата на Националниот архив на САД (њњњ.арцхивес.гов). Некои од првичните сознанија укажуваат дека убиецот на Кенеди, Ли Харви Освалд, бил под истрага на ФБИ, но под истрага бил и Џек Руби, кој го застрела Освалд два дена по атентатот и со тоа спречи потемелна истрага. Според објавените документи, ФБИ ја истражувало левичарската организација за поддршка на Куба, во која Освалд бил активен. Поврзувањето на Освалд со Куба и неговото патување во Советскиот Сојуз отвори сомнеж дека СССР бил вмешан во атентатот.

Документите содржат информации од тогашниот Советски Сојуз во кои се наведува дека убиството на Кенеди било примено со шок и дека било наредено ѕвонење на ѕвоната на црквите во Русија во негова чест. Имајќи ја предвид затегнатата состојба меѓу САД и СССР, кои претходната година беа соочени со кубанската нуклеарна криза, некои во советското раководство сметале дека атентатот е дело на американски генерали, кои сакале војна со СССР. Во еден од документите е наведено дека кубанскиот водач Фидел Кастро се сретнал со конгресмени што го истражувале атентатот во 1978 година и негирал вмешаност на кубанското разузнавање.

Во досиејата има информации и за дивиот живот на претседателот Кенеди, забавите што ги водел со Френк Синатра, Семи Дејвис Јуниор и стриптизети.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, вчера изјави дека обидите за поврзување на Русија со атентатот на Џон Кенеди се дивјачки инсинуации, кои предизвикуваат шок.