Новата аквизиција во охридскиот ракометен состав Благојче Трајковски ги одработи првите тренинзи со екипата. 29-годишниот голман кој беше прогласен за најдобар во првата полусезона од регионалната СЕХА лига ќе преставува големо засилување за охриѓани за мечевите од плејофот што клубот нстрпливо ги очекува.
– Атмосферата во клубот е супер, играчите ме прифатија одлично. Со дел од ракометарите имам настапувано и се познавам, а со другите постепено ќе се запознаваме. – рече на почетокот од разговорот со Ohrid News, Трајковски и додаде – Сите овде сме со една цел, а таа е да стигнеме што подалеку во Супер лигата. Ги гледав речиси сите натпревари на Охрид и играчите имаат капацитет за големи дострели сезонава.
Во редовите на „гладијаторите“, Трајковски пристигна од тимот на Макс Струмица (Зомимак) кој минатата сезона заврши на вицешампионската позиција во македонското првенство.
– Клубот доживеа финансиски колапс и тука може и треба да се бара причината за распаѓањето на екипата. Инаку, амбициите минатата сезона ние ги остваривме со пласманот на втората позиција во Супер лигата и пласманот во СЕХА лигата. – истакна Трајковски.
Охридскиот стратег Горан Андоновски одново има на располагање три голмани Трајковски, Кирил Колев и Кирил Пецаков откако клубот спогодбено го раскина договорот со Крсте Костески.
Зимските услови и температурите под нулата не ги поколебаа „гладијаторите“ (фотогалерија)
Мх.П.