Ракометниот клуб Охрид в недела со почеток во 18 часот на домашен терен против скопски Пролет ќе го одигра третиот меч во плејофот од Супер лигата. Во воведните два мечеви со Вардар и Металург охриѓани претрпеа порази, а Пролет ќе биде трета шанса за првите бодови на табелата.

– Оваа година од Пролет изгубивме во двата мечеви кои ги одигравме во регуларниот дел од Супер лигата. Сето тоа кажува дека се работи квалитетен тим составен од добри играчи. Ние не се оптоваруваме со нив, туку гледаме во нашите редови. Одигравме многу добар натпревар со Металург, кој некако ни даде крилја после долгата пауза и поразот од Вардар на стартот. Нескромно ќе најавам дека одиме на победа и се` освен наш триумф ќе биде неуспех. – изјави голманот Благојче Трајкоски.

„Гладијаторите“ трет пат се дел од кремот на македонскиот ракомет и атакуваат на местата на табелата кои водат во Европа.

Мх.П.