Кандидатот за градоначалник на општина Дебрца од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Игор Трајкоски, денес ги потсети жителите на општината на низата реализирани проекти од областа на културата. Како што рече, нема повозвишено чувство од тоа кога знаете дека сте ја оправдале довербата и дека дадениот збор сте го одржале.

– Токму ваквата мисла не тера повторно пред вас да застанеме и заеднички со сплотени сили да започнеме уште многу проекти.
Суштината да се биде градоначалник е во тоа да се биде од еднаквите меѓу вас со таа можност за спроведување и реализирање на потребите од општината. Токму тоа го правевеме изминативе 4 години кога Дебрца во секој сегмент се издигна, рече Трајкоски.


Меѓу реализираните проекти, Трајкоски ги истакна извршените реконструкции на центрите за култура во Мешеишта, Лешани, Злести, Издеглавје и реконструикцијата и партерното  уредување на  спомен обележјето на  Трајче Дојчиноски и спомен чешмата во Село Белчишта.

– Нашите образи се чисти бидејќи макотрпно работевме секојден, со што насекаде имаме подобрување, но потенцирам, тука не застануваме, продолжуваме со уште побрзо темпо, бидејќи изминативе 4 години имавме можност да согледаме што и каде недостига. Дел од тие елементи се влезени во програмата, но треба да се знае како и досега така и од сега ќе реализираме проекти и кои не се напишани во самата програма а им се потребни на нашите жители, истакна Трајкоски.

Во новата Програма од областа на културата предвидени се: реконструкција на културниот дом во село Требеништа, во Горенци, реконструкција на културниот дом во село Злести, реконструкција на салата за состаноци во општинската зграда во Белчишта, на постоечкиот објект стар Интернат во Село Белчишта со пренамена во Етно Музеј и Музеј за „Белчишко Блато“, реконструкција на воденицата во село Велмеј „Наисток“, и ставање во заштита како културен споменик, како и проектите за поддршка на Интернационалната Ликовната Колонија „Дебрца“ и Културните Манифестации во општината.

OhridNews