Уличниот продавач на девизи од охридската населба Рача Трајче Цоцевски кој вчера беше пронајден мртов во близина на автокампот АС кај Струга, бил убиен со повеќе удари направени од тврд и остар предмет во пределот на телото и главата.

Ова се првичните сознанија од обдукцијата што врз телото на убиениот беше извршена по налог на истражен судија. СВР Охрид соопшти дека во тек е интензивна истрага на терен во која се вклучени повеќе полициски екипи. Дознаваме дека во активностите за расветлување на убиството на Трајче Цоцевски учествуваат досега најголем број полициски сили, со цел што поскоро да се пронајдат сторителите, или сторителот на овој гнасен чин кој ја вознемири охридската јавност.

Покрај овој случај треба да се расветли и убиството на уште еден уличен продавач на девизи Спиро Ставрески кој исто така под слични и засега неразјаснети околности беше лишен од живот во февруари минатата година. И во тој случај беше констатирано дека смртта настанала како последица на удари од тврд и остар предмет во пределот на телото и главата. Дали постои поврзаност помеѓу овие два случаи и кој стои зад свирепите убиства на охридските улични продавачи на девизи треба да утврди истрагата.