„Овие работи се специфични само за авторитарни држави, тогаш кога тој што практично ја води државата сака да има информации, да навлезе во интимата на секој граѓанин, на секој носител на јавна функција.“ – вели претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов во неделното интервју на Радио Слободна Европа – РСЕ.

Запрашан за мислење дали материјалите што ги објавува опозицијата се кеирани, Трајанов изразува мислење дека се работи за материјали добиени од системите за прислушување и дека тие се основа за да се преземе една темелна истрага.

-Јавниот обвинител мора да спроведе една опширна, јавна, транспарентна истрага и тие информации коишто се презентирани на еден или на друг начин да ги документираат и зависно од тоа дали ќе се покажат како точни информациите, да спроведат соодветна постапка, се основа за проширување на активностите на Јавниот обвинител или продлабочена истрага. Инаку нема сомнение дека се работи за автентични материјали и тие материјали треба да бидат предмет на една сеопфатна анализа. – вели Трајанов.

Запрашан како поранешен прв човек на МВР дали е можно некој да прислушувал години по ред без за тоа да знае раководството на МВР, Трајанов вели дека сега дилемата е околу тоа дали постојат странски служби или странска држава која сака да ја разнебити Македонија по сите основи, вклучително и да го загрози и територијалниот интегритет.

-Мислам дека проблемите се домашни, автентични, македонски проблеми и ние треба да најдеме сила да се соочиме со овие предизвици и да направиме сè до крај да се расчистат работите. Според досегашните информации со кои е информирана јавноста, повеќе од јасно е дека системите за прислушување на Република Македонија се злоупотребени или употребени, така што одговорноста паѓа на власта, бидејќи државата е таа која мора да има контрола врз тие системи, а уште полошо доколку граѓаните не се заштитени од странски разузнавачки служби да можат тие сите да не прислушуваат. – вели во интервјуто за РСЕ Трајанов.

Според него нагризан е интегритетот на повеќе министри, вклучително и на министерот за внатрешни работи, но еввентуалната оставка, посочува тој, е личен чин и дека доколку некој чувствува лична одговорност од морални причини, тоа треба да го направи во спротивно, смета тој, парламентот треба да отвори сериозна расправа, и да го утврди степенот на одговорност на секој носител на јавна функција и да донесе соодветни заклучоци.

-Ние мора да го расчистиме до крај овој случај или оваа мега афера за да не се повтори никогаш повеќе. Значи, ние постојано имаме злоупотреба на овие системи, од 90-тите години наваму постојано имаме и никогаш докрај не сме ги расчистиле. Знаете овие работи се специфични само за авторитарни држави, тогаш кога тој што практично ја води државата сака да има информации, да навлезе во интимата на секој граѓанин, на секој носител на јавна функција и мислам дека тоа е погрешниот пристап и резултат на еден таков начин на владеење се случуваат вакви работи. – вели Трајанов.

Запрашан каде го гледа излезот од сегашната актуелна криза, Трајанов вели дека кризата ќе се продлабочува, а политичка борба меѓу двете водечки партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со своите коалициони партнери ќе продолжи.

-Ние сме сведоци на една војна во која ќе се користат сите можни оружја, но јас апсолутно се сложувам да ја водат оваа војна политичките партии, оваа политичка борба, носителите на високи позиции во партиите. Личен проблем за Република Македонија е што оваа војна ја водат медиумите, имаме ние силна пропаганда, манипулативна кампања, граѓаните се во целосна конфузија, не се сигурни, поставуваат прашања за иднината на државата, има стравувања дека штотуку не дошол некој да ја нападне Македонија, дека ја разоруваат странски сили, странски служби што апсолутно не е точно. Треба да се воспостави политички дијалог, треба да започнат политичките партии да разговараат и да изградат една стратегија како да се надмине ваквата состојба. Јас сум сигурен дека на крај, без разлика на степенот на конфронтација што е присутна сега во Република Македонија, ќе мора политичките партии да седнат на маса и да разговараат и да дојдат до договор и се разбира бидејќи судскиот систем е во колапс, кредибилитетот е нарушен, мора прво да има политичка разрешница, се разбира дека таа разрешница мора да биде, најверојатно на крај ќе биде со вонредни парламентарни избори и повторно да се градат институциите во државата и судовите да судат согласно Уставот, законите и врз основа на докази, а не под политички притисоци и влијанија. Сега ние имаме инсталации и од опозицијата и од власта во судовите и никој не е сигурен дека на судските одлуки ќе бидат поткрепени со реални факти и докази, дека тука нема да има влијание од политиките партии, значи судовите или судскиот систем не е резистентен на политички или на друг вид на влијание. Тоа е клучен проблем и затоа сметам дека стратегијата треба да биде расправа во парламентот, политички договор, вонредни избори и после тоа да започне кривично – правниот процес за сите за коишто има сомненија дека на еден или на друг начин го кршат Уставот, инаку на сите нас ни е загрозена приватноста. Замислете вие сега дали смеете на кој било начин јавно да го нападнете дали било ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ кога ви се заканува, имаме сериозна закана дека ќе објават меѓу другото материјали од вашите приватни разговори. -истакна Трајанов.

OhridNews
извор:„РСЕ“