Подрачното одделение на Државниот Архив во Охрид подготвува нова урбана изложба во соработка со охридските мото клубови. Темата на оваа изложба е посветена на мотоциклите и ќе открие колку нашите предци во 50-те години возеле мотоцикли, кои биле најпознати типови и дали охридските улици бележат траги од мототрки.

Во фото документацијата од Коста Андоноски пронајдовме преубави фотографии на коишто охриѓанки моделираат на „Piaggo“ веспи од 1955-1956 година, па веќе со еден сопственик на мото клуб договараме една урбана изложба на која ќе прикажеме како низ Охрид се возеле тие мотоцикли низ времето. Изложбата можеби ќе ја презентираме и по охридскиот кеј, каде што ќе бидат паркирани возилата, за вљубениците во „Piaggo“ моторите да можат да ги погледнат. Посетителите ќе можат да согледаат одредени колекционерски фотографии токму од „Piaggo“ веспите низ тогашните улици на градот Охрид, истакна директорот на Архивот Никола Митровиќ во емисијата „На муабет“ на OhridNews. 

Како што вели Митровиќ,  ваквите урбаните изложби претставуваат посебен тренд во архивистичкото работење и овозможуваат поголема блискост со посетителот на Архивот.

Ова ќе биде една нетипична изложба и всушност тоа  е нашата цел, не секогаш да правиме нешто кое што е веќе видено, туку да откриваме нови работи, а со тоа да привлечеме нови посетители и вљубеници во архивистичкото работење и во Архивот, вели Митровиќ.

                                      К.А.