Возачот на Поршето, 30- годишниот британец Николас Морли, кој од несреќата „излезе“ неповреден, беше приведен при обид да избега од местото на несреќата со странско БМВ, управувано од неговиот сонародник Метју Мек Конвил. Тој во придружба на адвокатот Драган Гоџо даде исказ во полиција и пред истражен судија. Синоќа Морли бил ослободен со кауција од 25.000 евра. Вратен му бил пасошот, но во обид со приватен авион да ја напушти Македонија полицијата го задржала за да провери дали документите му биле во ред и дали одлуката на Основниот суд од Струга е правосилна. Кривичниот совет на Основниот суд во Струга постапувајќи по жалбата на обвинителството денеска ја укина одлуката на истражниот судија Зеадин Ислами со која се прифаќа паричната гаранција на Морли и донесе нова одлука со која го потврдува притворот изречен на 3 мај. Тоа значи дека британецот Морли останува во притвор во Охрид до почетокот на судењето кое како што дознаваме ќе се одржи во основниот суд во Струга.
Како што веќе пишувавме, до несреќата дошло кога спортското возило “Порше Карера“ кое според очевидци со голема брзина се движело кон Ќафасан се судрило со возилото Голф 1 со охридски регистарски таблички во кое се наоѓале сопружниците Чепуњоски, и кое според првичната истрага од спореден се приклучувало на главниот пат.
Снобовското рели, спонзорирано од многу џет-сет ѕвезди, за прв пат во своето деветгодишно постоење официјално т.е. предвреме е прекинато.
Г. Момироски