Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга денеска ќе биде отворена изложбата на Горан Ристовски, насловена „Траги“.

Во овој негов циклус дела, заинтригиран од модификацијата на природниот пејзаж, и одново „привлечен“ од сензацијата која цртачките елементи на изразот и класичниот графички отисок се способни да ја дадат, Ристовски, инаку графичар по вокација, одново се навраќа на чистиот графички израз, претставувајќи ни цртежи и графики, овојпат работени исклучиво во техника линорез, со димензии кои варираат главно помеѓу 100х60см, 80х50 и 50х70см, се наведува во освртот на историчарката на уметност, Ангела Витановска.

Според кураторот Дијана Томиќ Радевска, Горан Ристовски ја критикува човечката сурова интервенција врз природната средина низ финиот апстрактен цртеж и експресивно педантно изработената графика.

Погледот ни го заматуваат меката линија и потезите на бришење, создавајќи експресивно линеарен третман кој ги спојува цртежите и графиките (линорези) во нови „Избришани пејзажи”. Тој ни нуди некои природни простори што некогаш постоеле. Уметникот својот активизам го практикува забележувајќи сцени од девастација на природата, повикувајќи на свесност, а не бегство во индиферентност, додава Томиќ Радевска.

Изложбата ќе биде поставена до 21 октомври.

Горан Ристовски е ликовен уметник кој живее и работи во Струга. Учествувал на многу проекти и групни изложби во земјава и надвор. Самостојно има изложувано во Струга, Скопје, Куманово, Охрид и Берлин. Неговата уметничка практика е во полето на цртежот, графиката, сликарството, графичкиот дизајн, муралот, инсталацијата, фотографијата, вклучувајќи и користење на готови предмети. Активно учествува на локални проекти од областа на културата, во активности кои се залагаат за имплементирање на уметничката практика во животот на младите. Ристовски е организатор на резиденциските уметнички престои во Струга, каде се реализирани неколку колективни изложби- инсталации поставени во специфични и напуштени објекти. Работи како професор по Ликовна уметност во Струга, еден е од основачите и членовите на уметничкото здружение ИНКА од Струга.

Проектот е поддржан од Министерство за култура.

OhridNews