Патничко возило денеска излетало од регионалниот пат Трпејца – Преспа преку Националниот парк Галичица.

Информацијата за Охридњуз ја потврди Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид. Оттаму уште информираат дека во ужасната трагедија животот го загубиле две лица.

На местото на настанот упатена е екипа на ПСС при Црвен крст Охрид и полицијата.

Од СВР Охрид изјавија дека во моментов не можат да ги потврдат првичните информации освен дека екипи на полицијата се упатени на местото на настанот.

Незгодата како што ни изјавија очевидци, наводно се случила на дел од патот кој не е обезбеден со еластична ограда.

Патот преку НП Галичица во зимскиот период од безбедносни причини се затвора, а во летниот период се наплаќа влез. Делови од патот се оштетени и недоволно обезбедени на што реагираат рекреативците кои често го користат овој патен правец, според кои овој планински пат е исклучително опасен и не смее да се потцени, а пред се треба соодветно да се обезбеди, односно да се подобри неговата безбедност.

Г.М.