Охридската Капетанија која под притисок на јавноста започна истрага за случајот со давењето на двете момчиња од Охрид минатата недела на плажата кај хотелот „Парк“, го комплетирала извештајот кој бил испратен до Министерството за транспорт и врски. Неофицијално случајот ќе биде затворен како несреќен случај.

Наспроти тврдењата на Црвениот крст – Охрид, кој е задолжен за обука на спасителите и безбедност на капалиштата, дека несреќата можела да се избегне доколку момчињата имале заштитни елеци за спасување, надлежите за водниот сообраќај објаснуваат дека издавачите на реквизити за забава на вода без моторен погон не се обврзани да издаваат елеци за спасување.

Непосредно по несреќата првиот човек на охридскиот Црвен крст, Сашо Точко, изјави дека мора секој кој што издава педалинка, или скутер, на секој оној на кој што му издава најпрвин да му издаде соодветен елек за спасување . „За жал ние ја следиме постојано состојбата на Охридското Езеро и не сме забележале дека тоа се случува“, изјави Точко.

Појаснувањето на Капетанијата дека за управување со педалинка не е потребно да се носи заштитен елек, како и тоа дека со законот за внатрешна пловидба контролата над безмоторните пловила ја имаат надлежните инспекции, а не тие, уште повеќе ја нагласува потребата од заострување и допрецизирање на безбедносните мерки на Охридското Езеро.

Ова дотолку повеќе се наметнува  и поради различните ставови околу  примената на заштитните мерки при упревување со рекреативните пловила, на што неодамна укажа и претседателот на охридскиот црвен крст.

„Мора да се направи нешто педалинките да пловат поблиску до брегот, а сепак надвор од зоната предвидена за капачите, и да се издаваат само на лица кои што се смета дека се способни за тоа и кои се пливачи. Законодавецот тоа добро го уредил со давање обврска да се даваат елеци за спасување и затоа тоа треба да се почитува за да не се случуваат вакви немили инциденти“, додава Точко.

Ќе станат ли елеците за спасување задолжителни и за безмоторните пловила и дали ќе бидат донесени нови заштитни мерки е прашање на кое треба да одговорат надлежните институции, пред се Капетанијата, чија функција никако не би смеело да се сведе на бирократско толкување на законите, туку на нивно подобрување во функција на поголема безбедност на капачите.

Ohridnews