Трагедијата што во петокот се случи на плажата кај хотелот „Парк“, кога две дваесетгодишни момчиња се удавија возејќи се со педалинка, можеби можела да се избегне доколку биле запазени законските прописи за издавање на педалинки, сметаат од охридскиот Црвен крст, кој е задолжен за обука на спасителите на вода и безбедност на капалиштата.

„Мора секој кој што издава педалинка, или скутер, на секој оној на кој што му издава најпрвин да му издаде соодветен елек за спасување кој мора да го има секој кој што ќе биде на педалинка. За жал ние ја следиме постојано состојбата на Охридското Езеро и не сме забележале дека тоа се случува“,
изјави Сашо Точко, претседател на охридскиот Црвен крст.


Според извештајот на СВР Охрид, несреќата се случила на околу 200 метри од брегот, односно надвор од безбедносната зона која ја контролираат спасителите на вода, а момчињата кои се удавија не знаеле да пливаат. Тие на себе немале заштитни елеци за спасување.

„Мора да се направи нешто педалинките да пловат поблиску до брегот, а сепак надвор од зоната предвидена за капачите, и да се издаваат само на лица кои што се смета дека се способни за тоа и кои се пливачи. Законодавецот тоа добро го уредил со давање обврска да се даваат елеци за спасување и затоа тоа треба да се почитува за да не се случуваат вакви немили инциденти“, додава Точко.


Зошто момчињата кои настрадаа во несреќата кај „Парк“ не добиле заштитни елеци и кој им издал дозвола за работа на изнајмувачите на педалинки доколку не ги исполнуваат  законските прописи, нема одговор од соодветните институции.  И покрај повеќе наши обиди не успеавме да стапиме во контакт со одговорните во Охридската капетанија која е задолжена за внатрешната пловидба. Оваа институција при слични несреќи во минатото се оградуваше од одговорност, посочувајќи дека е надлежна само за пловилата на моторен погон, додека издавачите на реквизити на вода ги контролираат инспекциите.

Кој е виновен за големата несреќа и треба ли некој да сноси одговорност, одлучуваат истражните органи, но останува горчлив впечаток дека сплет на околности и непочитување на безбедносните мерки придонеле за трагичниот епилог, од што треба да се извлече голема поука.

Ohridnews