Две момчиња од Охрид се удавија во водите на Охридското Езеро на плажата кај х. „Парк“.

Според првичните информации несреќата се случила околу 17 часот, кога три момчиња возејќи се со педалинка ја напуштиле зоната предвидена за капење. Едно од момчињата паднало во водата и почнало да се дави. Во обид да му помогне на другарот другото момче влегло во водата, но педалинката се оддалечила од нив и двајцата исчезнале во водата. Третото момче веднаш се упатило кон брегот и повикало помош. Во потрага по момчињата  се вклучиле повеќе лица, како и спасувачките екипи на Црвениот крст. По извесно време успеале да ги пронајдат телата на двете удавени момчиња. Инаку, двете удавени момчиња биле непливачи.



Драмата траела околу два часа.

Беше навистина морничаво и ужасно. Се водеше битка за живот. Видовме како се превртува педалинката и како исчезнуваат момчињата. Спасителите и луѓето кои се најдоа на плажата направија се за да ги спасат но не успеаа во тоа. Брановите ја однесоа педалинката на една страна, а момчињата беа пронајдени далеку од неа на другата страна. Сите обиди да ги повратат во живот беа залудни, раскажува вознемирено очевидец од Србија.


Итната медицинска помош беспомошна

По повикот за кратко време на местото на несреќата пристигнала екипа на итната медицинска помош. За жал давениците не давале знаци на живот и само била констатирана смрт кај несреќните момчиња.

Патолог ќе изврши дополнителен преглед на телата на починатите, соопшти полицијата, која работи на расветлување на трагедијата. Идентитетот на давениците е утврден, но  официлјано сеуште не  се соопштува. Неофицијално двете момчиња биле од населбата Видобишта.


Ова е втора несреќа за само два дена во водите на Охридското Езеро. Вчера на плажата во Далјан 48-годишен каратист од Србија почина откако доживеал срцев удар разладувајќи се во езерските води.

Веста за трагедијата кај „Парк“ ја вознемири охридската јавност, но отвори и бројни дилеми околу безбедноста на реквизитите за забава на вода, како што се педалинките и начинот на кој тие се издаваат и кој се може да ги користи. Јавноста очекува надлежните органи сериозно да го испитаат случајот од кој треба да се извлече голема поука.

Ohridnews