Со традиционалното украсувањето на новогодишната елка, луѓето ширум светот започнуваат да ја чувствуваат празничнаta еуфорија. Несомнено дека децата со нетрпение го чекаат овој период од годината, кога елките се незаменлив дел од топлите домови. На еден начин, овие креативни декорации претставуваат интимни моменти за едно семејство, кога неговите членови барем за  момент забораваат на проблемите со кои се опкружени.

Традицијата говори дека украсувањто на домовите за време на новогодишните празници, потекнува уште од древните цивилизации. Старите Римјани кои го прославувале декемврискиот  празник Сатурналија, обично домовите ги декорирале со зелени гранки. На северот од Европа, паганските народи го обожувале дабовото дрво, задржувајќи го обичајот на сечење и украсување во овој дел од годината. Исто така, незаменлив дел од „ритуалите“ биле зелениката и имелата.

сликата на Кралицата Викторија и Принцот Алберт

Во 1539-та година, накитено е првото новогодишно дрво и тоа во една катедрала во Германија. Во 1844-та писателот Ханс Кристијан Андерсен ја објавил првата Божиќна бајка, во која зборува за дрвото украсено на овој празник. Традицијата од тие простори говори дека низ историјата, дрвото се украсувало со ореви, лешници и јаболка. Според податоците од средината на 19-тиот век, украсното дрво е пренесено во Англија. Британскиот весник „Илустрирани вести за Лондон“, во 1848-ма година објавува низа слики од Кралицата Викторија, Принцот Алберт и нивните деца како стојат околу „Божиќното дрво“.


делото на Андерсен

Балканските народи за време на Божиќните прослави, во домовите носеле гранки од даб. Според верувањата, тие симболизирале здравје, сила, издржливост и бериќет. Со текот на времето, од естетски причини наместо даб, луѓето почнале да ја украсуваат елката. Овошјата биле заменети со модерни  додатоци во вид на лампиони, а модниот тренд во домовите ги донесе вештачките елки.

Украсувањето во суштина има етнолошка традиција. Стеблото ја симболизира врската меѓу небото и земјата, а зимзелените дрвја во Христијанството имаат симболика поради нивната исправеност.

OhridNews