Охриѓани не отстапуваат од традицијата. Повеќето од нив вечерва со богата трпеза со месо, колбаси на жар, ја слават Василица и „Православна Нова година“. За разлика од останатите градови и места низ земјава, каде паричката се бара во комат, баничка, пита, вечерва неизоставен дел од трпезата на охриѓани е топејнцата.
Познатиот хроничар, Ефтим Спространов, забележал дека на овој ден, во секоја куќа се прави топејнца или топеница.
„На огнот се става вода и кога ќе почне да врие, тураат чисто брашно од пченица и го варат како што се вари качамак. Потоа го мешаат и го месат на топчиња кои откако ги прскаат пред и после, ги сплескуваат како кравајче во тепцијата со масло или маст (свинска). Така сплескана кашата ја шараат со лажица во вид на полукругчиња ја попрскуваат уште со масло забодуваат одгоре дреново праче и ја праќаат на фурна да се опече. Во зората домаќинката ја раздробува на ситни касаи, пак ја прска со масло и пак ја потпечува. Дури откако касаите ќе закоравејат, ја вадат и ја ставаат на трпезата за јадење, се разбира од другата страна. Пред да почнат да ја јадат, мешаат во неа „старска пара“. Домаќинот зема во рака касаи, ги крева нагоре и ги пушта по малку во тепцијата, откако ги дува. Тоа е за да има ветер пред вршидбата и да се вее житото. По неколку благослови наменети на новата година почнуваат да јадат и ја бараат „старската пара“. Кој ќе ја најде тој се смета за касметлија.“
OhridNews