Црвен крст Охрид со големо задоволство ја најавува традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ која ќе се реализира на 28 септември.
Овој настан има широко општествено значење и ќе започне во 11 ч. со „главна трка“ на младите чиј старт ќе биде од Кеј Македонија- пред х. Палас, а цел на Кеј Македонија-пред Центар за култура Григор Прличев, каде ќе продолжат спортските, културно забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди, информираат од Црвен крст Охрид.
Учество на овој настан се обезбедува со купување на учеснички број кој чини 50 денари. Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата, ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебарца. Секој кој ќе купи учеснички број станува потенцијален добитник на награда во големата наградна игра со преку 20 вредни награди (четиридневен престој во Суботица, тридневен престој во Ужице, викенд во Крушево, компјутерска галантерија и др.) и ќе има можност да се натпреварува во бројни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, вртење хулахоп, влечење јаже, пикадо и друго, потенцираат.
Традиционален партнер на акцијата „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“, велат, е Стоматолошки Центар Д-р Баткоски кој и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за правилна грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните.
Продажбата на учесничките броеви е веќе во тек. Мобилните тимови на волонтери на Црвен крст Охрид ќе бидат достапни со учесничките броеви на повеќе пунктови во градот, а учесничките броеви ќе можат да се набават и во просториите на Црвен крст Охрид, ул. Димитар Влахов бр. 52, додаваат од Црвен крст Охрид.
OhridNews