Во организација на ЗП „Великамен“ по третпат по ред, се одржа традиционалната планинарска тура по повод Светскиот ден на планината, на релацијата село Елшани – планинарски дом „Троуглеш“.
Настанот, иако одржан под закана од непредвидлива временска прогноза и обилни врнежи во изминатиот викенд, успеа да ги собере најупорните љубители на планината, на кои дождот престана да им претставува предизвик токму на стартот од акцијата.
Планинарскиот дом „Троуглеш“ ги пречека учесниците со топол чај, освежителни пијалоци, ѓомлезе, питулици и други традиционални македонски специјалитети. Покрај гастрономските задоволства, учесниците уживаа во запознавањето со локалните планинарски патеки што ги поврзуваат селата Коњско и Елшани, како и со историјата, традициите и животот на мештаните кои отсекогаш биле тесно поврзани со планината, информираат организаторите.
Настанот беше поддржан од Општина Охрид, а учесниците изразија задоволство од можноста за активен ден поминат во природа, со нагласена почит кон локалната култура и традиција.
Турата ја потврди важноста на овие акции за промоција на природните убавини на регионот и за зачувување на наследството што го нуди овој предел, потенцираат од ЗП „Великамен“.
OhridNews