На 2 август традиционално по 43-ти пат во водите на Охридското Езеро ќе се одржи Илинденскиот пливачки маратон.

Стартот на „малиот маратон“ долг 2.5 километри е од плажата Горица до градскиот кеј поточно до хотелот Нова Ривиера.

За маратонот годинава вкупно се пријавени 44 пливачи од кои 29 мажи и 15 жени. Натпреварувачите ќе бидат поделени во две категории. Првата категорија е до 16 години и помлади, а втората од 17 години и повозрасни, но, не повозрасни од 35 години. Стартот на првата трка е од 10 часот, додека на втората од 10 часот и 45 минути. За регуларноста на трката ќе бидат ангажирани десет судии, а за безбедноста ќе се грижи Црвениот крст Охрид, истакна на денешната прес конференција Катерина И. Стојаноска од Пливачкиот клуб „Охридски бранови“.

Ова е настан кој Локалната самоуправа го поддржува години наназад и ќе продолжиме така, секако заедно со некои дополнителни работи што оваа година ги направивме како Локална самоуправа, а поврзано со пливањето, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Се надевам дека во наредните години кога ќе го добиеме и затворениот базен ќе учествуваме уште повеќе во градењето на вистински спортски личности кои ќе постигнуваат врвни резултати во пливањето. Имајќи предвиде дека Охрид е туристички град со езеро треба да вложуваме токму во овој спорт, зошто праксата и минатото покажаа дека многу големи имиња излегоа од овој спорт и се надеваме дека во наредниот период со соодветна инфраструктура и соодветни вложувања како од Локалната самоуправа, така и од приватните стопанственици ќе добиваме големи имиња во пливањето и ќе постигнуваме врвни резултати, додаде Пецаков.

Настанот е во организација на Пливачкиот клуб „Охридски бранови“, а се одржува под покровителство на Општина Охрид.

Н.С.Ј.