Александар Трајковски со гол во судиското продолжение постигна прекрасен гол за спектакуларен триумф на македонската фудбалска репрезентација над актуелниот европски првак Италија во полуфиналниот бараж натпревар за пласман на Светското првенство во Катар, што се одигра вечерва во Палермо.

Македонија во финалето од баражот за пласман на СП
Македонија во финалето од баражот за пласман на СП – Фото: Миа

Деведесет минути момците на Благоја Милевски одолеваа на нападите на „аѕурите“ на стадионот „Ренцо Барбера“, кои имаа и повеќе од играта и повеќе удари кон противничкиот гол, а изведоа и 16 корнери. И кога се чинеше дека мечот оди во продолженија, Александар Трајковски, кој четири сезони играше за Палермо во Италијанското првенство, одлично прими една топка на противничката половина, уште подобро се загради и прецизно од дваесеттина метри, од косо, го совлада Донарума.

Шокираниот домаќин немаше сила да се врати во игра, а пожртвуваните македонски репрезентативци не дозволија да биде загрозен голот на Столе Димитриески.

Македонија со победата над Италија избори пласман во финалето од баражот за СП, во кое ќе се сретне со Португалија која, исто така вечерва, ја совлада Турција сo 3:1. И овој натпревар Македонија ќе го игра на гости.

Победата на Македонија над Италија силно одекна во фудбалска Европа, а граѓаните во земјава еуфорично го слават овој историски триумф.

Г. Момироски
Фото: Миа/Спорт клуб