Нема да има толеранција за никого, нема да толерираме никаква примена на нечесни практики и секој кој ќе се огреши ќе биде казнет. Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) веќе е на терен на цела територија на Македонија со повеќе од 40 тимови или повеќе од 120 инспектори, ротирани во различни градови, и врши проверка дали се почитува одлуката на Владата за ограничени профитни маржи за основните прехранбени производи, порача денеска директорот на ДПИ Горан Трајковски.

Денеска, како што кажа, тимовите на ДПИ ги контролираат големите маркети на цела територија на државата, од утре ќе ги контролираат малите маркети и бурекчилниците, а од задутре трговците на големо. Ќе проверат и дали во изминатиот период намерно биле покачени цените на производите.

Апелирам до трговците на мало и на големо да ја почитуваат одлуката на Владата и да не се обидуваат на било каков начин да ја заобиколуваат. Вчера бев на терен и видов дека трговците на мало не си ја сфатиле сериозно одлуката и нејзината примена. Затоа денеска сме на терен и ќе постапуваме по законските прописи и секој што не ја почитува одлуката денеска ќе биде казнет, а доколку има потреба во иднина ќе затвориме и дел од објектите што не ја почитуваат одлуката. Трговците на мало сега имаат залихи по влезните фактури кои ги земале од трговците на големо претходно и треба да ги потрошат тие залихи, па од новите залихи што ќе ги земат за време на важењето на одлуката да видиме дали и трговците на големо ги почитуваат одредбите за заработка до 10 проценти, рече Трајковски на денешната прес-конференција.

Прецизира дека одлуката на Владата се базира на ограничување на бруто профитна маржа на 10 проценти кај трговците на мало и на големо и посочи дека со неа се опфатени и бурекчилниците, но според Законот за трговија, член 3.

Тоа значи дека доколку трговецот на мало претходно одел со бруто профитна маржа од шест проценти нема обврска да го намали дополнително производот зошто е во рамките до 10 проценти. Има трговци кои ги зголемиле над 10 проценти, но има и кои ги задржале цените. Затоа граѓаните може да видат дека одредени продукти се со иста цена од пред донесување на одлуката. Претходно се одеше со замрзнување на цени од датум од пред три месеци со намалување на цените за 10 проценти. Затоа тогаш граѓаните можеа да видат дека секој производ е намален, но сега има 10 до 20 проценти на производи кои не се намалени. Сепак, јасно мора да бидат означени со ознаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“ за потрошувачот и граѓанинот точно да знае кој производ е опфатен со одлуката, појасни Трајковски.

Нагласи дека вчера во маркетите не видел никаков обид да се означат производите со ознаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“.

За мене тоа е несериозно. Вчера не се потрудиле маркетите да стават ознака на 20 до 30 отсто од производите. Во моментов инспекторите контролираат и тие ќе кажат дали денеска поставиле или не и дали биле поставени делумно или целосно. Насоката од ДПИ е да има јасно видлива ознака и да се прегледа дали се во рамките на ограничената бруто профитна маржа од 10 проценти сите производи кои се опфатени со одлуката, рече Трајковски.

По донесувањето на одлуката за ограничување на профитните маржи на прехранбените продукти ДПИ е задолжен да ги контролира трговците на мало и на големо дали ја почитуваат одлуката што ја донесе Владата.

Одлуката е соопштена во петокот, во Службен весник е излезена во понеделникот со важност од вторник. Со тоа трговците на големо и на мало имаа доволно време да ги прилагодат цените. ДПИ постапува по Законот за трговија каде казните се високи и се движат од 2.000 до 10.000 евра, а доколку се утврди дека некој применува нечесни трговски практики ќе постапуваме по Законот за потрошувачи по кој има можност за затворање на објекти. Сме затворале претходно секој што се обидел да примени нечесна трговска практика ќе затвораме и сега, потенцира Трајковски.

Владата со ограничувањето на профитните маржи на околу 70 основни прехранбени производи очекуваше нивните цени да се намалат за 10 отсто. Согласно одлуката на Владата, трговците требаше да ги обележат намалените производи со ознаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“.

OhridNews