Распределбата на новонабавената противпожарна опрема, која вклучува 20 термални камери и 80 изолациони (дишни) апарати беше тема на денешниот состанок кој се одржа во просториите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) на кој присуствуваше директорот Џеват Селами со Комисијата за одобрување на набавката на противпожарна опрема за единиците за гасење пожари. ТППЕ Охрид ќе добие една термална камера и 4 изолациони апарати.
Оваа инвестиција значително ќе го подобри капацитетот на противпожарните единици во земјата, овозможувајќи им на пожарникарите подобра заштита при справување со пожари. Термалните камери ќе помогнат за побрзо лоцирање на извори на пожар, а изолационите апарати ќе обезбедат сигурност при работењето во задимени и токсични средини, посочуваат од ДЗС.
На состанокот присуствуваа претседателот на комисијата Димче Митевски, членот на комисијата Агрон Бафтијари од ДЗС, како и претставници на ЗЕЛС – членови на комисијата градоначалниците на општините Штип и Радовиш, Иван Јованов и Ацо Ристов.
Покрај Охрид, термални камери и изолациони апарати ќе добијат и Дирекција за заштита и спасување, Град Скопје, како и општините Битола, Куманово, Тетово, Прилеп, Велес, Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Кичево, Кочани, Штип и Гостивар.
Оваа распределба е направена според потребите на секоја општина и ќе продолжиме со напорите за модернизација на опремата со цел зголемување на безбедноста на граѓаните и пожарникарите низ целата држава, истакнуваат од ДЗС.
OhridNews