Постапувавме координирано заедно со обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција по наредба на судија на претходна постапка како и заедно со останати државни институции односно со Управата за јавни приходи, Министерството за финансии и Царинската управа, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од Охрид, одговарајќи на новинарско прашање во врска со вчерашната акција каде беа извршени претреси на повеќе од десеттина локации на територијата на Р. Македонија поради основи на сомневање за даночно затајување и даночна измама.

Согласно информациите кои ги добив мислам дека 4 лица беа задржани во Полициската станица. Ова е еден од предметите кои има основани сомненија дека станува збор за епски криминал кој за жал е на штета на буџетот на Македонија однсно парите на народот. Првичните информации се дека станува збор за милионски суми коишто се последица на неколку кривични дела: даночно затајување, даночна измама и перење пари. Во интерес на целокупната постапка не би можел да навлегувам повеќе во детали, рече Тошковски.

Посочи дека во иднина Министерството и сите институции кои имаат надлежност да постапуваат во ваков тип на акции ќе бидат фокусирани на кривични дела од областа на висока корупција, организиран криминал особено ако е на штета на буџетот на државата.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на вчерашниот ден оформи предмет по доставено известување од страна на Министерството за внатрешни работи за сознанија до кои дошла Управата за јавни приходи.

Заради докажување на основите на сомневање за сторување на наведените кривични дела, на барање на предметниот јавен обвинител, судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје издаде наредби за претрес на дом и други простории на повеќе локации во повеќе градови, велат од обвинителството.

Оттаму дополнуваат дека полициски службеници, службени лица од Управата за јавни приходи координирано со истражители од Лабораторијата за дигитална форензика при Истражниот центар на ОЈО ГОКК при претресите обезбедле бројна документација и електронски записи што ќе бидат предмет на обработка и анализа со цел обезбедување материјални докази за потребите на водењето на понатамошната кривична постапка.

Н.С.Ј.