Пиротехничките средства во дискотеката Пулс во Кочани, која доведе до трагичниот пожар, била донесена од страна на бендот ДНК, потврди министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, по разговор со еден од членовите на бендот. Лицето што било задолжено за употреба на пиротехничките средства, за жал, го загубило животот во несреќата.

Распишната локална потерница по 4 лица е повлечена бидејќи тие се веќе обезбедени. Во СВР Скопје и СВР Тетово се приведени 5 лица со кои се обавуваат разговори, меѓу кои и еден поранешен министер. Во 17 часот издадени се наредби за претрес во дом и службени простории на две лица, вработени во министерството за економија од каде одземени се електронски уреди, оружје и доказни материјали. По преземените мерки утврдено е дека лицето нема лиценца за работа. Издавањето на истата е под надлежност на Министерство за економија. Сопственикот при контрола прикажал фалсификувана лиценца издадена на 13.03.2024 година, рече Тошковски.

Денеска, по наредба на јавен обвинител, ќе се вршат претреси во дом и патничко возило на сопственик на дискотеката и во служебни простории на книговодствено биро кај одговорното лице.

Вчера биле приведени 13 лица во СВР Штип, меѓу нив неформален сопственик на дискотека, продавачот на билети, четири лица од обезбедување, управител на Агенција за обезбедување, сопственик на објкет на дискотека, три лица пазарен инспекторат, еден од трудова инспекција, како и полициски службеници. На 11 лица, вели министерот, им е одреден притвор од 48 часа.

По завршувањето на увидот, ќе биде доставен извештај за Обвинителството, кој ќе ги утврди деталите и ќе се процени дали пиротехниката требала да поседува сертификат за употреба, како што е пропишано со закон. Од извршениот увид во текот на вчерашниот ден констатирани се низа неправилности во објектот кој бил користен како дискотека. Дискотеката не само што немала соодветна лиценца, туку работела во објект чија намена е лесна индустрија, а не за угостителство. Прекршени се повеќе стандарди кои се косат со правилата за противпожарна заштита. За цел клуб имало само 2 ПП апарата, немало излезни врати за евакуација, противзаконски биле користени пиротехничките средства, концерот народски кажано бил одржан на диво, бидејќи немало писмен договоер помеѓу организаторот и изведувачите, рече Тошковски.

Потенцираше дека МВР не било информирано за овој настан, а според законот, организаторите имале обврска да ги обезбедат сите потребни услови за безбедно одржување на такви настани.

Тошковски информираше дека досега е извршена обдукција на 15-тина лица кои настрадаа во дискотеката во Кочани.

Н.С.Ј.