Причината за синоќешната несреќата што се случи на патниот правец Кичево-Гостивар во која три лица го загубија животот, а осум се повредени е огромната неприлагодена брзина, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кој е во посета на СВР Охрид.

Според првичните информации кои ги добив, станува збор за огромна неприлагодена брзина од страна на еден од учесниците во сообраќајот, кој за жал, е починат. Бројот на сообраќајни жртви во оваа година во првото тромесечје е сличен како и бројот на жртви лани. Со тоа што можам да кажам дека бројките се катастрофални компарирано со европските стандарди. Во иднина максимално мора да се фокусираме кон поголемо смирување на сообраќајот од секој аспект, како и на имплементирање на проектот „Безбеден град“ на цела територија на државата, рече Тошковски.

Минатата недела, како што соопшти, на ЕНЕР се ставени дел од потребните закони за имплементација на проектот „Безбеден град“.

Министерот воедно апелираше до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила, посебно нагласувајќи ја дозволената брзина на движење.

Возачите да ги почитуваат сообраќајните правила посебно да се почитува максималната дозволената брзина, затоа што и експертите тврдат дека кога се управува возило со брзина над 70 км/час и имаме челни удари како тој што се случи вчера процентот на преживеани патници е скоро нула, додаде тој.

 

Н.С.Ј.