Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска учествуваше на традиционалниот „Охридски безбедносен форум“ во организација на дипломираните студенти на Маршаловиот центар за безбедносни студии, а во соработка со Европскиот центар за безбедносни студии и амбасадите на САД и СР Германија.
Министерот Тошковски во обраќањето истакна дека заедничките евроатлански вредности се основен двигател на земјите од Западен Балкан во надминување на своите разлики и продолжување на својот пат кон евроатланска интеграција.
Како членка на НАТО, безбедноста и стабилноста значително се унапредија како за нашата земја така и за целиот регион. Многу потесно соработуваме со сите наши соседи кои се членки на Алијансата и заеднички придонесуваме кон самото функционирање н развој на Алијансата“, потенцираше меѓу другото министерот Тошковски.
Тошковски во обраќањето ги дефинираше главните безбедносни закани, трендови и предизвици со кои се соочува нашата земја како организираниот криминал и корупција, илегалната миграција, трговијата со луѓе, шверцот на мигранти…
Илегалната миграција и различните форми на прекуграничен криминал се едни од нашите главни предизвици како министерство. Тука можам да ги спомнам и хибридните закани кои се регионални и глобални и преку неконвенционални акции, психолошки и сајбер напади, шпионажа, ширење на дезинформации чија цел е создавање на перцепција на несигурност и недоверба на граѓаните во демократските институции. Да се потсетиме на хибридните напади кои што ги имавме во 2022 и 2023 година на територија на целата држава, подвлече министерот Тошковски.
Тој истакна дека со цел да се намали можноста за ширење на лажни вести, шпекулации и паника, МВР во склоп на своите надлежности редовно ги информира граѓаните и во таа насока го подвлече фактот дека за 2024 година Министерството за внатрешни работи достигна 95.7 отсто индекс на активна транспарентност, што го става во најдобрите три владини институции во транспарентност и отчетност пред граѓаните.
На крај Тошковски ги спомна и останатите предизвици со кои се справува министерството како тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам во сите свои форми – национален, политички и религиозен и подвлече дека останува посветено, заедно со другите земји од Западен Балкан и регионот и пошироко преку тесна соработка со сите меѓународни безбедносни институции да се бори во надминување на тие предизвици и обезбедување безбедност за сите свои граѓани.
OhridNews