Во пожарот што се случи ноќеска околу 3 часот на концерт во дискотека во Кочани, животот го загуби 51 лице, а повредени се повеќе oд 100, информираше утрово на прес конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во врска со случајот приведени се неколку лица, рече Тошковски, посочувајќи дека се преземаат сите мерки за утврдување на причините за големата трагедија и дека секој eден што погрешил ќе сноси одговорност.
Првичната истрага утврдила дека дел од организаторите се тешко повредени во пожарот.
Повеќе информации тој најави во текот на денот, истакнувајќи дека секој еден треба да чувствува одговорност за големата трагедија во Кочани.
Врз телата на починатите ќе се врши обдукција заради идентификација, а семејствата преку социјалните мрежи бараат информации за своите блиски кои во моментот на несреќата биле во дискотеката „Пулс“.
Премиерот Мицкоски ја одложи планираната работна посета на Подгорица. Во своето прво обќање до јавноста по трагедијата тој рече дека ова е тежок и многу тажен ден за Македонија, а загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива.
Г.М.