Во негова чест и сеќавање вечерва со почеток во 19:30 часот ќе се одржи голем хуманитарен концерт на Градски насловен: „Тоше, те сакаме сите“. Фанови на Тоше од целиот Балкан кои ќе присуствуваат на концертот вчера го посетија неговиот гроб во Крушево за да му оддадат почит.
На концертот премиерно ќе биде промовирана песната My little one која Тоше ја сними во дует со внукот Кристијан, а ќе биде прикажан и дел од видеоспотот за песната. Учество на концертот ќе земат и повеќе од 20 пејачи меѓу кои и Тони Цетински, Нина Бадриќ, Руслана, Жељко Самарџиќ и многу други кои околу три часа ќе пеат песни од Тоше. Концертот ќе го пренесуваат седум телевизии од повеќе земји. Македонската телевизија ќе врши директен пренос, а преку сателитскиот канал атмосферата од концертот ќе биде достапна во целиот свет. На сцената пејачите ќе ги придржуваат симфониски оркестар, како и бендот на Тоше.
Бидејќи Тоше покрај по музиката беше познат и по хуманитарната работа и овој концерт ќе има хуманитарен карактер. Телевизиите од Балканот што ќе го преземат емитувањето на концертот ќе имаат можност да организираат донаторска активност во својата земја, за цели што сами ќе ги одредат, а во консултација со фондацијата „Тоше Проески“. Граѓаните на Македонија ќе може да донираат по 100 денари на телефонскиот број 143 100 без оглед на тоа кој оператор го користат. Вечерва повторно целиот Балкан ќе биде сплотен со музиката на Тоше,поклонувајќи му се уште еднаш на музичкиот гениј, но пред се човек со огромно срце полно со љубов за сите.