“Како и целиот фудбалски свет и јас бев занемен од вест за смртта на Гери Спид, селекторот на фудбалската репрезентација на Велс. Ги испраќам моите сочуства и симпатии кон фамилијата на Гери Спид, Фудбалската асоцијација на Велс како и целокупната фудбалска јавност. Јас заедно со претседателот и генералниот секретар на ФФМ, како и Гери Спид бевме присутни на состанокот во Брисел за договор за распоредот на натпреварите од нашата група и имавме многу добра и конструктивна соработка за време на истиот. За време на ручекот, по состанокот долго разговаравме за состојбата и перспективите во велшката репрезентација и морам да кажам дека не видов никаков знак кој би навестил ваков развој на настаните. Бев многу шокиран кога дознав за неговата трагична смрт .
По повод трагичната смрт на селекторот на фудбалската репрезентација на Велс, Гери Спид , и ФФ на Македонија испрати телеграма со сочувство до ФА на оваа земја како и до фамилијата Спид:
Почитувани, пријатели.
По повод трагичната смрт на г-динот Гери Спид, која го затекна на функцијата селектор на репрезентацијата на Велс, примете го нашето искрено сочуство кое го испраќаме до вас во Фудбалската Асоцијација на Велс и до фамилијата Спид.
Веста за трагичната смрт не потресе сите нас во ФФ на Македонија и воопшто македонската фудбалска јавност, особено што при последната наша заедничка средба во Брисел имавме можност да го запознаеме г-динот Спид, кој сите нам ни остави впечаток како искрена и во секој момент пријателски расположена личност со која отворено разговаравме на повеќе фудбалски теми како и за претстојните квалификации очекувајќи ги меѓусебните репрезентативни средби.