Најмалку двајца луѓе го загубија животот, а десетици домови се уништени во торнадата и невремето што викендов поминаа низ централниот дел на југозападна Флорида.
Торнадо што се движело со брзина од 180 километри на час го збришало градот Дуте, на 60 км југоисточно од Тампа, при што загинале двајца, а петмина други се повредени. Од нив четири се деца под десет години, соопшти портпаролот на шерифот.

Според метеоролозите, ова е силно торнадо, а според скалата е рангирано како ЕФ2, кое направило неред по линија долга 12 километри.

„Зачуден сум што воопшто некој излезе жив од ова“, вели шерифот на обаста Манати.

Двете жртви се брачен пар, при што мажот загинал на лице место, а жената починала во болница. Еден од повредените е нивниот син, а четирите повредени деца им се внуци на возраст од 6 до 10 години. Тие не се во животна опасност.

Уште едно торнадо со иста јачина од ЕФ2, помина низ областа Сарасота, движејќи се со брзина од 180 километри на час.

Пожарникарите на Сарасоте пријавиле повеќе спасувања, а според центарот за итни случаи, уништени се 45 имоти со штета од околу 3 милиони долари.

Според електродистрибуција на Флорида, околу 17.000 домови останале без струја, но во повеќето домови струјата дошла во понеделник.

Волонтери на Црвениот крст оперираат во двете области погодени од торнадата.

OhridNews
извор Макфакс