Српскиот Институт за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“ нареди итно повлекување од употреба на БСЖ вакцината против туберкулоза, што се дава на бебиња веднаш по раѓањето, поради сомневање за нејзиниот квалитет и очекуваниот имунолошки одговор, што може да биде нецелосен, објави Нова.рс.

Во документот што го објави тој портал, може да се види дека на 15 март, координаторот за отповикување на Институтот побарал итно повлекување на таа вакцина поради „сомнежи во квалитетот на производот“.

Во документот се додава дека треба да се прекине снабдувањето и користењето на тој производ.

Во октомври 2022 година, повеќе од 600 бебиња добиле физиолошки раствор наместо таа вакцина поради неточни упатства за употреба, а како што пишува Нова.рс, бебињата потоа добиле увезена вакцина затоа што „Торлак“ во одреден момент престанал да ги произведува.

Порталот наведува дека „Торлак“ во меѓувреме го обновил производството, но се уште не се знае дали и колку бебиња ја примиле вакцината, чие повлекување е побарано.

OhridNews