Сечењето на старите тополи покрај рекреативната патека од Студенчишта до Горица во заштитената зона на блатото деновиве продолжи и покрај каналот Билјанини извори.

Граѓанин на Охрид кој подолго време го истражува случајот смета дека со сечењето на тополите се предизвикува ненадоместлива штета на екосистемот. Тој забележува и тоа дека во  општинската комисија за  сечење дрвја нема ниеден член кој е специјализиран во арборикултуирата – науката за третман на дрвјата.

– Тополата има извонредно голем и силен коренов систем. Во овој поглед таа е шампион меѓу дрвјата кои се често застапени кај нас. Но, и како таква, таа може да падне од трулост, при болест, и ако стеблото е премногу шупливо, плус изложено на притисок при временски непогоди. Трулост и шупливост на тополата можат да се одредат релативно лесно: со бор-машина се прави дупка на одредени височини од подножјето. Ако дрвото е шупливо, се забележува промена на отпорот при бушење. Ако е труло, тоа може да се утврди од иверот. Не ми се верува дека на тој февруарски ден кога Комисијата за сеча ја утврдила состојбата на дрвјата, таа се качувала по дрвјата, или дека такво испитување било правено порано во зимата – објаснува Иван Јакимоски, загрижен граѓанин кој како и OhridNews го следи случајот од почеток.


Тополите во просек живеат по сто години, а пресечените дрвја крај блатото  не беа постари од педесет години.

Според локалната самоуправа тополите покрај рекреативната патека се сечат заради безбедност на рекреативците и околните објекти.

OhridNews