По најавите на Управата за хидрометеролошки работи дека од четврток Македонија ќе ја зафати топлотен бран со температури над 40 степени, Центарот за управување со кризи најави дека ќе бидат предложени посебни мерки за ублажување на последиците од високите температури.
Според најавите Министерството за здравство и Републичкиот завод за здравствена заштита, покрај постоечките мерки за предупредување во делот на самозаштитата на луѓето, ќе изготват и предлог-мерки за промена на работното време, особено за работниците што се изложени на надворешните температури. Овие предлог-мерки ќе се усогласуваат со Законот за работни односи, а доколку дојде до прогласување на кризна состојба Министерството за труд и социјала ќе се произнесе со одлуки.
спас од жешкото сонце се бара во Охридското Езеро
На граѓаните им се советува непотребно да не се изложуваат на сонце во најжешките периоди во денот од 10-17часот, а на хроничните болни максимално да се придржуваат кон советите на лекарите, редовно да примаат терапија, да внесуваат повеќе течности и да не се изложуваат на високи температури.
Републичкиот Црвени крст најави дека ќе бидат ставени на располагање дежурни мобилни екипи со пет до 10 возила кои би дежурале на целата територија на државата. Тие би се погрижиле за потребите на луѓето кои од определени причини би се наоѓале на отворен простор во најкритичниот период од 11 до 17 часот.
Како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи, особено топло време не очекува од четврток па до крајот на оваа и почетокот на идната недела, кога температурите ќе бидат над 40 степени Целзиусови. Најтопло се очекува да биде во недела кога температурата ќе достигне до 42 степена Целзиусови.
ohridnews