Во Хрватска одново се отвори темата Лино Червар и неговото заминување од Металург. Хрватскиот медиум 24sata.hr пишуваше дека Червар заминува, а стручњакот го демантираше тоа.


– Нема никаква конечна одлука дека заминувам од Металург. Се додека има надеж Металург повторно да застане на цврсти нозе, јас останувам тука. Се разбира, ако газдата е заинтересиран да работиме и клубот повторно да се издигне. Тука не одлучувам јас. Ние се бориме и верувам дека овој тим со неколку засилувања може повторно да биде тим за респект. Во овој тим има душа, се игра со срце и публиката знае да го препознае тоа. Секој кому ракометот му е на срце навива Металург да опстои. – рече за Екипа.мк хрватскиот стручњак.

Ова не е прв пат да се пишува за заминување на Червар особено не по распаѓањето на шампионскиот тим на Металург.

– Сето тоа е малку „надуено“ за да биде поинтересно и да привлече внимание. Од Хрватска ми се јавија да ме прашаат дали ќе бидам селектор на Словенија, јас им кажав дека, мене никој од Словенија не ме контактирал. Им реков дека овде првенството е при крај, дека сме концентрирани на нашите проблеми и да не ме оптоваруваат со тоа. Ситуацијата во клубот не е едноставна, со месеци се бориме, но продолжуваме да играме со оваа млада екипа. И добри сме. Што ќе биде понатаму, ќе видиме. – потенцираше Червар.

Искусниот тренер следната сезона ќе го има најголемиот предизвик во Металург одновно да изгради респектабилен тим за Македонија и Европа.

Ohridnews