Рапидното топење на голем дел од ледената прекривка на западот на Антарктикот се чини не запира, а процесот би можел да доведе до уште поголем пораст на глобалното ниво на морињата, од она што претходно се проценуваше, пренесува „Макфакс“.
Научниците предупредуваат дека климата се променила и дека човештвото ја поминало точката од која повеќе нема враќање.
Научниците на НАСА на Универзитетот во Калифорнија предупредуваат дека топењето на ледената прекривка на западниот дел на Антарктикот е незапирливо, откако ги проучиле податоците собрани во последните 40 години. Последното истражување покажува дека топлите морски струи довеле до ланчана реакција заради брзото топење на шест ледници кои се топат во Амундсеновото море.
Ледената прекривка на западен Антарктик е клучна за растот на нивото на морињата и содржи 2,2 милиони кубни километри мраз, односно сочинува десет отсто од вкупниот волумен на мразот на Антарктикот. Кога сиот тој мраз би се стопил, нивото на морињата би пораснало за дури 4,6 метри, што би довело до потопување на крајбрежните градови. Шест ледници во западен Антарктик кои забрзано се топат, содржат доволно вода нивото на морињата да го подигнат за дури 1,2 метри.
Студијата објавена во часописот „Science“ предвидува дека еден од ледниците ќе се урне и ќе се стопи за 200 до 500 години. Неговото исчезнување би можело да доведе и до исчезнување на целата западна ледена плоча.
Брзината со која ледената покривка на Антарктикот се топи од 1973 година се зголемила за дури 77 отсто, заради што научниците предупредуваат дека речиси е невозможно таквите процеси во целост да се запрат.
„Целиот систем стана една голема ланчана реакција која е незапирлива, а секој нов процес со себе повлекува следен“, вели Ерик Ригнот, експерт од НАСА.
OhridNews
извор:„Макфакс“