Водечкиот сингапурски весник „Стрејт тајмс“ во денешното неделно издание ја пренесува одлуката на властите на Сингапур за забрана за употребата на наргиле, со обеазложение дека овој вид уживање, иако е релативно безопасно, води кон навика да се пуши или да се земаат наркотици. Наведувајќи дека Сингапур е една од ретките држави која вовела прохибиција на овој вид уживање, редакцијата на весникот ги задолжила новинарите да трагаат по невообичаени забрани ширум светот и објави листата на десетте најчудни и најнесекојдневни одлуки на властите.
Прва на „топ листата“, според сингапурскиот весник, е забраната во САД за продажба на познатите „киндер јајца“, во кои под чоколадната обвивка децата наоѓаа разни играчки. Според американската администрација за храна, играчките во „киндер јајцата“ носат „сериозен ризик за повреда на децата“.
На второ место се најде забраната за одбележување на Денот на заљубените (Св. Валентин ) во Саудиска Арабија. Неколку дена пред и по празникот, што се одбележува во огромен број држави, во Саудиска Арабија не смее да се продаваат чоколада или какви да е други артикли со црвена боја, вклучувајќи и цвеќе. Овие артикли слободно се продаваат во период кога не е празникот на вљубените, а спроведувањето на забраната го контролираат полицијата и акредитирани доброволци.
Забраната во Иран јавно да се покажува нешто што има врска со еротика се однесува и на куклите во продавниците и излозите. Според иранските власти, рекламирањето на женската гардероба мора да е соодветно на строгите муслимански прописи. Покрај тоа што куклите мора да имаат шамии на главите, властите во Иран се закануваат со тешки казни ако пластичните модели асоцираат на облините на женско тело. Четврта невообичаена забрана е онаа за слушање на снимена оперска или балетска музика во Туркменистан. Забраната е директно дело на поранешниот претседател Нијазов, кој образложил дека пуштањето на ваква музика на свадби и други јавни церемонии почнало да ја загрозува националната култура во Туркменистан.
Традициите и потребите за „сериозен пристап кон историјата“ се причина поради која во Кина се забранети филмови и ТВ прилози поврзани со патување низ времето.
Шестата невообичаена забрана доаѓа од Обединетите Арапски Емирати, во кои поради многу секс и насилство е забранета видео играта „Голема кражба“, една од најпопуларните во САД. Играта, меѓутоа, во Емиратите и натаму се купува преку интернет. Иако не се забранети со посебен закон, од Боливија исчезнаа „Мекдоналдс“ рестораните. Нив во 2006 година тогашниот претседател ги обвини како американски заговор за глобална контрола на светската исхрана, па и без забрана, дваесетината „Мекдоналдси“ се преориентираа на понуда на локална храна.
Осма на оваа листа е забраната на Северна Кореја да се произведуваат или носат сини фармерки. Одлуката е мотивирана од големото политичко непријателство кон САД. Според „Стрејт тајмс’’ во Северна Кореја, за потреби на шведски трговски синџир се произведуваат фармерки, но во црна боја.
Франција се најде на чудната листа на забрани поради исклучувањето на кечапот од понудата на училишните и студентските кафетерии и мензи, поради тоа што, оригинално, потекнува од САД. Одлуката е донесена по политичко-економскиот судир околу употребата и името на помфритот кој Американците го нарекуваа „Френч фрајз“, па поведоа кампања помфритот да се вика само „чипс“.
Гана е на десеттото место на вака составената топ-листа, а причина е забраната за продажба на „секенд хенд“ текстил. Забраната, донесена во име на заштита на личната хигиена на жителите на Гана, прецизира дека не смее да се купува стара долна облека, марамчиња, кошули и блузи, но и душеци на кои некој веќе спиел.
OhridNews