Македонскиот маратонски пливач Томи Стефановски (43) ќе добие заслужено место во Куќата на славните во овој спорт, и тоа како прв од Македонија со вакво признание. Свечената церемонија на приемот на новите членови ќе биде на 4 ноември 2016 година во Сан Педро, Калифорнија (САД).
– Среќен сум. Ова е големо признание за мене, за сѐ што имам направено во мојата долга маратонска пливачка кариера. Задоволство ми причинува и фактот што признанието доаѓа токму во годината во која решив да им ставам крај на настапите во официјална конкуренција. Она што си го посакувам сезонава е победа на годинашниот, 30. Охридски маратон, каде што досега имам по едно второ и трето место. Сезонава малку се редуцирани трките, има доста одложувања. Планирам да настапам на квалификациската трка на 10 км во Сетубал, Португалија, на која се брка норма за настап на Летните олимписки игри во Рио, но уште не е сигурно дали воопшто ќе пливам таму – вели Стефановски за печатаниот весник „Нова Македонија“.
Во образложението за приемот на Стефановски, највозрасниот активен маратонец, во Куќата на славните, меѓу другото, пишува дека тоа е направено поради неговата успешна повеќедецениска кариера, во која двапати бил вицешампион и трипати третопласиран, притоа забележувајќи 16 победи, со 30 искачувања на победничкиот трон во Светската гранпри-серија маратони.
На долгата листа пливачи-маратонци што се дел од Куќата на славните, која е востановена во 1963 година, од просторите на поранешна СФР Југославија се Хрватите Вељко Рогошиќ (1997) и Вицко Шољан (2007), Србинот Војислав Мијиќ (2014), Словенецот Мартин Стрел (2015), Бугаринот Петар Стојчев (2009) итн.
Стефановски е првиот маратонец од Македонија во Куќата на славните, иако и пред него имало неколкумина што секако заслужиле да се најдат таму, како Нико Нестор, Атина Бојаџи, Дики Бојаџи, Климе Савин и други.
OhridNews