Со 28 одличја од кои 23 со најсветол сјај пливачот Мајкл Фелпс заминува во легендите на Олимписките игри. Неговата успешна приказна започнува во Сиднеј 2000 година, а заврши во Рио годинава со освојување на нови пет златни медали.


Американскиот пливач имаше подеми и падови во текот на кариерата, но секогаш успеваше да се издигне и да биде во топ форма на секоја Олимпијада која се одржува секои четири години.

– Патот до успехот на Фелпс е многу тежок и нема никави тајни. Тој поседува голема желба за тренирање и големо срце за натпреварување, што е многу важно за еден спортист. Околу себе има врвни тренери и комплетно цел тим кој работи со него четири години односно еден олимписки циклус. – рече Томе Камнаровски и додаде – Тренингот и исхраната се клучот во сите негови успеси. Фелпс прави и необични работи надвор од базенот, но не пропушта тренинг и сака да тренира, а темпото на тренирање го изгладнува телото за натпреварување, затоа тој делува така дрско и немилосрдно во трките. Ми се чини дека нема спортист што повеќе конзумира храна од него, но за да го издржи темпото на тренирање то мора да внесе и до 12 000 калории дневно.


Голем потенцијал за наследување на Фелпс имаат неколку пливачи меѓу кои Бразилецот Фиљо и британскиот пливач Адам Пити, а Македонецот кој работи како тренер во пливање во Холандија, Камнаровски очекува австралиска доминација во пливањето во периодот кој следува. 


– Пливањето и во минатото имаше таленти како австралиецот Јан Топр и Питер ван ден Хогебанд, а после нив дојде Мајкл Фелпс кој успеа комплетно да ги замени. Пливањето како спорт на површина секогаш исфрлува пливач, но потоа од него зависи по која патека ќе се насочи. Бразилскиот пливач Фиљо беше светски првак, но не тренираше сериозно и во квалификациите за Олимписките игри потфрли и не обезбеди норма за учество. Пити имаше одличен настап на Олимпијадата во Рио и има големи шанси да прерасне во трофеен олимпиец. Јас лично очекувам бум на сите австралиски пливачи бидејќи најдобриот тренер од Холандија премина во Австралија и под негова дирегентска палка тренираат сите квалитетни и добри пливачи во Австралија. – потенцираше Камнаровски.

Тој заедно со неговиот син Димитар Камнаровски на градскиот базен во Охрид ги започнаа подготовките за новата сезона. Димитар сезонава пред себе има голем предизвик бидејќи го очекуваат квалификациите за учество на Европско првенство за јуниори.

Михаил Постоловски