„Од централата на СДСМ до мене не е стигнало никакво писмо во кое се наведува дека се поништува изборната конференција на која јас бев избран за претседател“, изјави денеска на прес конференција, Томе Чинговски.
Не верувам дека такво писмо постои, доколку постои би сакал да го видам, затоа што во петокот на најдемократски начин бев избран за претседател на општинската организација на СДСМ-Охрид, рече Чинговски.
Според Чинговски демантот во врска со неговиот избор за претседател на ОО СДСМ-Охрид, што неодамна беше испратен до медиумите е потпишан од како што рече експретседателот Ацо Велески и дека центарлата и експретседателот се разликуваат во ставовите.
Во врска со непотврдените најави за санкции и исклучување на непослушните членови од партијата, Чинговски рече дека и доколку тоа се случи тој ќе ја задржи членската книшка со потпис од Црвенковски и дека ќе остане во партијата до оној момент до кога мисли дека треба да остане во СДСМ.
„Мислам дека оваа партија која е најдемократска во Македонија, нема да преземе такви чекори, бидејќи тоа е шпекулација на чаршијата и желба на неколку луѓе во градот“, рече Чингоски.
Според него нема да има уште една изборна конференција во Охрид бидејќи мнозинството од делегатите го искажале своето мислење.
Запрашан за шпекулациите дека во Охрид победило крилото на Бучковски, Чинговски рече дека Владо Бучковски е член на СДСМ, но дека тој не е ничиј приврзок и не припаѓа на ничие крило.
Томе Чинговски изјави дека е во постојан контакт со централата на партијата, која како што рече, сака уште еднаш да ја разгледа целата работа и ќе пресуди онака како што е најдобро во интерес на демократизацијата на партијата, но според него изборот на претседател е завршена работа и тој очекува се да заврши на случувањата од петокот.
Г. М.