Охридскиот пратеник Томе Чингоски на вчерашната седница на Парламентот посветена на пратенички прашања, жестоко ја критикуваше владата за односот кон општина Охрид во справувањето со последиците од  високиот водостој на Охридското Езеро.

– Не знаат охриѓани каде да се обратат. Нема Влада, или ресорно министертсво кое што ќе им помогне, да изнајде начин како да ги санира овие проблеми. Што правите? Во една хаотична ситуација час ги отворате вратите час ги затворате портите на Црн Дрим. Ако ги отворите се прелева кај Луково и имате прекин на патот Струга – Дебар, а ако ги затворите се покачува нивото на Езерото. Доколку се реагираше навремено, односно ЕЛЕМ ја признае својата грешка дека за производство на електрична енергија го предизвика ова ниво на Охридското Езеро, во тој случај кажете дека оваа ситуација е заради тоа, односно за зголемен профит, рече Чингоски, кој побара оставка од министерот Миле Јанакиески.

Реплицирајќи му на Чингоски, министерот за транспорт и врски посочи дека изјавите во однос на актуелната ситуација кои се пласираат во јавност треба да се базираат на релевантни информации. Тој напомена дека контактирал во неколку наврати со градоначалникот на Охрид и дека размениле одредени информации, оставајќи простор да бидат прифатени сите конструктивни предлози.

Јанакиески истакна дека секојдневно ќе се врши контрола на патниот правец Охрид – Св. Наум кај Пештани и дека превентивно ќе се делува за да се спречи евентуално негово оштетување како последица на високиот водостој.

Ohridnews