Томе Чингоски, актуелен шеф на кабинетот на градоначалникот Петрески, и официјално е избран за нов претседател на општинската организација на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија-СДСМ во Охрид.
На повторената изборна конференција, што се одржа синоќа во големата сала на општина Охрид, со 71 гласа за Чингоски ја доби довербата на мнозинството делегати, а 5 гласачки ливчиња биле неважечки.
На конференцијата избран е и нов Извршен одбор на партискиот огранок кој брои 18 члена.
Како што дознаваме Чингоски ќе го преземе раководењето со охридскиот СДСМ уште денеска кога ќе се одржи и примопредавањето на партиските клучеви помеѓу него и сега веќе поранешниот претседател на огранокот д-р Ацо Велески.
Со синоќешниот избор завршија тримесечните превирања во општинската организација на СДСМ во Охрид. На Изборната конференција што се одржа на 8 јуни Чингоски исто така беше избран за претседател на огранокот на СДСМ во Охрид, но централното раководство не го призна неговиот избор поради како што тогаш беше наведено „прекршување на изборната процедура“.
Имено централата тогаш како единствен кандидат за претседател го подржа Бранко Трпчески в.д. директор на МЈП „Проаква“, но спротивно на овој предлог мнозинството делегати ја подржаа кандидатурата на Томе Чингоски која беше истакната на самата изборна конференција. Страстите во партискиот огранок се смирија и реизборот беше направен откако се постигна договор со централата во Скопје со кој Чингоски стана претседател на општинската организација во Охрид, а Бранко Трпчески ќе биде координатор на 5 изборна единица.
ohridnews