Толески долго време беше дел од македонската фудбалска елита, пет и пол години настапуваше во скопската Цементарница, двапати по шест месеци мина во редовите на Напредок од Кичево и во Шкендија од Тетово. При изборот на новиот клуб проработила „цементарската врска“.
– Се одлучив за клуб во кој ќе се чувствувам како дома. Изборот на новиот клуб не беше тежок бидејќи на клупата на Тетекс седи Тони Јакимоски, со кого одлично соработував на времето поминато во клубот од скопската населба Кисела Вода. Во периодот што следи мојата цел е што подобро да се подготвам и да му помогнам на Тетекс конечно да заигра во Првата македонска фудбалска лига – вели Толески.
Покрај прволигашкото, охриѓанецот акумулираше и интернационално искуство. За сума од околу 100 илјади евра премина во албанската Беселидја, а потоа во литванската Ветра, каде што играше три месеци. По финансискиот крах на Литванците, Толески се враќа во Македонија каде што се надева дека ќе ја врати голгетерската форма.
Толески е во роднинска врска со повремениот репрезентативец Гоце Толески, а открива дека имал разговори со челните луѓе од матичниот клуб Охрид, но се одлучил за Тетово. За него ова ќе биде трет второлигашки клуб по Охрид и Алумина.