Концесионерите кои идната недела и официјално треба да ги добијат лиценците за работа, меѓу останатите обврски ќе треба и да изградат нови простории за дијализа и целосна реконструкција на постојните, да обезбедат современа апаратура. Согласно пропишаните критериуми, тие, меѓу другото, се должни да обезбедат и транспорт за болните во секој реон со најмалку една станица во секоја општина, како и да понудат соодветни услови за вработување кадар од јавните здравствени установи со личен доход еднаков на последната плата.
На конкурсот објавен во мај годинава со кој беа опфатени 4 региони, од вкупно петте апликанти, најдобри понуди доставија Орка Холдинг АД Скопје и Метрополитен ДООЕЛ Скопје.
Орка Холдинг доби лиценци за вториот реон (Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Кичево, додека Метрополитен ДООЕЛ Скопје за третиот (Прилеп, Битола, Велес, Кавадарци, Струга и Охрид).
По информациите за давање под концесија и на Центарот за дијализа во Струга, вработените во Заводот за нефрологија во Струга, стручниот колегиум и здружението на бубрежни болни Нефрон го искажаа својот став дека не се согласуваат со одлуката.
Тие упатија јавен повик до министерот за здравство Никола Тодоров да не го потпишува договорот за концесијата за вршење дијализа во Заводот за Нефрологија.