МЗТ Скопје Аеродром по три одиграни кола го доживеа првиот пораз во АБА лигата. На гостувањето во Подгорица, скопјани загубија со 81-71, а тренерот Тодоров, честитајќи му на противникот, смета дека неговиот состав може да одигра многу подобро.

Будуќност водеше во текот на целата средба во Подгорица, најубедливо со 20 поени разлика (70-50, 72-52) и ја заслужи победата. МЗТ одигра добро во завршницата и со агресивна игра успеа да се доближи на само 7 поени разлика (73-66), но прецизноста на домашните играчи од линијата за слободни фрлања во последните минути, донесоа победа за црногорците од 81-71. МЗТ, како и на претходниот натпревар против Широки, повторно играше без повредениот Тодор Гечевски.

„Честитам на домашната екипа, беше подобра во текот на целата средба и заслужено победи“, вели тренерот на МЗТ, Александар Тодоров по мечот. „Одигравме со помалку од 50 проценти од нашите можности. Будуќност не запре во втората и третата четвртина, за што најдобро говори бројот на постигнати поени (во двете четвртини по 13). Зневме дека почетните 0-2 по првите два натпревари на Будуќност се нереални, затоа што беа поразени од некои од најдобрите екипи во АБА лигата и сигурен сум дека ќе се искачат при врвот и покрај таквиот старт. Дозволивме премногу лесни поени, го разигравме и Витковац и од тоа сум незадоволен“- рече Тодоров за официјалната страна на кошаркарксата федерација на Македонија.

По три одиграни кола во АБА лигата, единствено Игокеа, која одигра два натпревари, е непоразена. На врвот, МЗТ ја дели позицијата со Цедевита, Партизан, Унион Олимпија и Сплит, кои засега имаат идентични 2-1. Наредниот меч, тимот на Александар Тодоров го игра во сабота, кога во Скопје го пречекува Раднички од Крагујевац.

Ohridnews