Охридскиот писател Тоде Илиески,  е еден од ретките македонски писатели кои објавуваат поезија за деца. Неговата збирка “Липов чај”, со која годинава ја доби највисоката награда за детска литература во Македонија, е една од многуте книги на овој автор, кој вели дека живее со литературата.

– Наградата „Ванчо Николески“,  за мене не само што претставува признание за мојот 40 годишен ангажман во литературната дејност, туку преставува и признание за мојата голема љубов кон пишаниот збор. Исто така таа е признание и за сите мои подржувачи и сите оние кои ја ценат мојата работа. –вели Илиески.

Тој објаснува дека има уште најмалку десетина книги кои сеуште се во ракопис, а најголемиот дел од нив се наменети, повторно за најмладата читателска публика.

-Нивното објавување зависи од финансиите. Воопшто, тешко се објавува секое дело, а особено кога се работи за писател од внатрешноста. Издавачките куќи претежно се сместени  во Скопје, па ние, авторите од другите градови имаме потешкотии и се соочуваме со поголеми трошоци за објавување на книгите. Исто така и Министерството за култура, нема голем слух за објавување на книги, а осебено на детска литература, па доколку сакаме да испечатиме книга, мора да се снајдеме сами -објаснува Илиески.

Вели  дека најголем дел од своите досега објавени дела ги финансирал сам, но не профитирал од нив, затоа што ги подарувал.

-Тоа го правев, затоа што ми беше непријатно да наплаќам за тој труд наменет за децата. А логично би било делата што се објавуваат да се продаваат, па со тие средства да се обезбеди објавуавање на некоја нова книга. Пишувањето е уметност, а уметноста ја храни душата, па затоа и без разлика на финансискиот губиток, задоволен сум од помислата дека во оваа криза на литературната дејност кај нас, сум успеал да објавам книга.-нагласи  Илиески.

Тој изрази надеж дека условите за литературата во Македонија во најскоро време, ќе се променат и дека истата ќе достигне да биде дел од европската и светската книжевна дејност.

Е.Е.