Во општина Охрид и Дебрца состојбата со коронавирусот е стабилна и под контрола. Тоа пред се се должи на високата свест на жителите, нивната одговорност, храброст и дисциплинираност во однос на почитувањето и примената на мерките и препораките од здравствените власти за спречување и заштита од ширење на коронавирусот, вели директорот на охридскиот Институт за јавно здравје, Сашо Точков.
Точков информира дека во моментов во Охрид, според место на живеење, има три позитивни случаи на коронавирус. За двајца од пациентите се чека потврда за втор негативен резултат од извршено тестирање. Доколку и резултатите од второто тестирање се покажат негативни, со тоа во Охрид ќе има само еден случај кој беше регистриран пред два дена.
- Станува збор за лице кое е позитивно и кое вирусот го донело од друг град. Пациентот бил крајно одговорен и веднаш се ставил во самоизолација, сега и во изолација. Под контрола се сите негови контакти, кои биле ограничени. Членовите од семејството се негативни на коронавирусот, се чека резултат за уште едно лице од фамилијата. Не очекуваме дека во наредниот период би дошло до ширење на вирусот поврзано со овој случај, вели директорот на Институтот за јавно здравје-Охрид.
Во официјалната бројка од 4 заболени лица во Охрид, е опфатено и заболено лице кое по место на живеење е од Скопје, а е во изолација во Охрид, но чиј и втор тест е негативен.
Од охридскиот Институт за јавно здравје потенцираат дека периодот кој следува е клучен поради тоа што се приближуваме кон пикот на епидемијата, поради што е неопходно особено внимание од граѓаните кои досега покажаа висока свест.
Општинскиот Кризен штаб останува на ставот дека во овој период Охрид треба да има ограничено влегување и излегување од градот.
- Ние сме многу гостопримлив народ, ги сакаме сите гости и туристи, но во овој момент кога Охрид е заштитен благодарение на граѓаните и на сите здравствени работници, апелираме до сите оние кои не се жители на Охрид да се воздржат од доаѓање. Токму поради високо изразената хуманост на охриѓани, општинскиот Кризен штаб е на став дека Охрид во овој период треба да биде со ограничено влегување и излегување, за да се задржи релативно поволната состојба која е во моментов. Таквата одлука е и хумана и здравствено издржана, како што беше и одлуката на владата во март да ги затвори границите на државата. Препораките на владата се граѓаните да останат дома, токму тоа е и нашето барање-секој да остане во својот дом, потенцира Точков.
Додава дека од нас самите зависи колку ќе трае оваа борба со вирусот и колкав ќе биде успехот, бидејќи ако не го сочуваме здравјето во овие моменти, залудни се и празниците, излетите и сите планови кои сме ги имале.
Т.К.