Утрово илјадници верници присуствуваа на големиот водосвет каде неколку стотини капачи влегоа во осветените води на Охридското Езеро да го фатат светиот крст.

Тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци во вода, нуркачки тимови, како и медицински тимови за укажување прва помош со амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило се грижеа за безбедноста како на капачите, така и на посетителите.

Претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков истакна дека со оглед на временските услови, проследени со силен ветер и бранови, сепак поминале без поголем инцидент, но имале низа интервенции.

Беше голем предизвик за нас во делот на обезбедувањето на медицинските екипи, спасителите на вода, нуркачите. Имавме преку дваесет интервенции што на вода, што на копно. Интервенираме кај сите кои се со посекотини или премрзнатини. Драго ми е што немаше некој поголем инцидент, бидејќи вакво време со силен ветер од 15 метри во секунда или преку 60 км на час не сме имале до сега. Брановите го направија своето. Се направи навистина голема гужва, но за среќа помина се како што треба, рече Точков.

Информираше и дека температурата на водата и на воздухот скоро била идентична односно околу девет степени.

Инаку, ден претходно секоја година Црвен крст Охрид организира здравствени прегледи за оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“, апелирајќи и препорачувајќи да ја проверат својата здравствена состојба и да се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 9 степени.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска