Во текот на вчерашниот ден во валандовскиот регион се почувствувани неколку земјотреси. Првиот е регистриран во 08.34 часот со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала, вториот во 10.22 часот со интензитет од IV степен, а следуваа уште два потреса во 12.31 и во 13.57 часот со интензитет од III степени. Два помали земјотреси биле почувствувани во вечерните часови синоќа. Според сеизмолозите тлото во валандовско се смирува иако поради страв и паника населението од погодените подрачја две ноќи мина под отворено небо.
    
Во текот на вчерашниот ден, претставници од Центарот за управување со кризи и од Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија извршија посета на дојранскиот и валандовскиот регион. Министерството за труд и социјална политика додели еднократна парична помош за семејствата кои најмногу имаа оштетувања на своите домови во селата Башибос и Ѓопчели, додека Црвениот крст подели ќебиња, пакети со храна и средства за лична хигиена. АРМ достави цистерна со вода за пиење и подвижна кујна.

Ohridnews