Ударот од пандемијата предизвика негативни последици врз македонската економија, ефектите ги почувствуваа и граѓаните и стопанствениците. Чинителите во туристичкиот сектор, како една од најранливите гранки се соочија со голем број предизвици изминатата сезона, сепак благодарение на мерките кои беа воведени за поддршка на туризмот забележан е пораст на гости во споредба со минатата година, велат од Секторот за локален економски развој Охрид.

Сите мерки за превенција од ширењето на вирусот кои се преземаа доведоа до драстичен пад на бројот на гости, а имаше периоди кога странските гости поради рестрикциите за патување воопшто ги немаше. Во насока на поддршка на туристичко- угостителскиот сектор беа воведени мерки кои во крајна линија имаа за цел поттикнување на домашниот туризам. Сето тоа, оваа година доведе до зголемување на бројот на остварени ноќевања како на домашни гости, а годинава во споредба со минатата забележан е и пораст на бројот странски гости и тоа за околу 50 % споредбено со истиот период во предходната година, велат од Секторот за туризам и локален економски развој.

Од ТЛЕР очекуваат целосно опоравување на туристичкиот сектор по превземените мерки за целосна имунизација уште во наредната година. За заздравување на секторот важно е градот да работи на промоција за развивање на туризмот и надвор од месеците кога е главната туристичка сезона. Во оваа насока од ТЛЕР велат дека интензвно се работи на прилагодување на промотивниот материјал за градот согласно современите текови при што веќе е изработен комплетно ребрендиран материјал за промоција на туристичкиот потенцијал на градот Охрид.

Покрај веќе воспоставените методи на промоција на туристичкиот потенцијал на Охрид, самостојно или во партнерство со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на туристичките саеми, Општина Охрид е присутна на туристичките саеми во таргетирани земји, потоа Охрид е промовиран и во печатени и електронски медиуми во странство, а континуирано ја одржуваме и надградуваме соработката со партнерите од различни земји, велат од ТЛЕР.

И од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот сметаат дека профилот на турист кој ја посетувал нашата држава нема да е веќе истиот, туку ќе биде личност која бара безбедна дестинација, авантурист кој преферира патување во мали групи и користи напредна технологија, а пандемијата со Ковид 19 наложи промени во сите пори на животот и неопходност од брзо прилагодување, што значи дека новата реалност во туризмот ќе значи промена на таргетите и фокусот на пазари кон кои ќе се цели во иднина.

 

К.А