Бугарски граѓани, верници и интелектуали со транспаренти во рацете утрово во Софија се собраа пред седиштето на Светиот синод на Бугарската православна црква на „тивко бдеење“ за поддршка на барањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија БПЦ да биде нејзина мајка-црква, пренесува „Макфакс“.

„Не отфрлајте ја подадената рака на нашите браќа од Македонија“, „Бугарската патријаршија мајка-црква на МПЦ- Охридска архиепископија“, се само дел од паролите што можат да се забележат на протестот.

Како што јавуваат бугарските медиуми, бугарскиот патријарх Неофит и другите митрополити го почнаа заседавањето од зимската сесија, на кое го разгледуваат писмото од МПЦ-ОА испратено на 9 ноември.

Според најавите на бугарските владици, не се очекува брз одговор на БПЦ туку ќе биде формирана комисија која ќе треба да ги информира другите православни цркви и да го слушне нивното мислење за барањето на МПЦ-ОА.

Истакнати личности, академици, новинари и претставници на семејствата Миладиновци, Дрангови, Шапкареви и Прличеви во отворено писмо изразија поддршка за барањето на МПЦ-ОА, а македонскиот владика Наум анализираше зошто е „најприродно БПЦ да биде мајка-црква“ на МПЦ.

Светиот синод на БПЦ денеска треба да го разгледува писмото што на 9 ноември му го упати Синодот на МПЦ-ОА, а во кое се бара признавање на афтокефалноста на македонската црква и евхаристиско единство со бугарската црква.

Вакво барање МПЦ испратила до БПЦ на 9 ноември, по што бугарската општествена елита се мобилизираше и испрати писмо-петиција до бугарскиот патријарх Неофит и Светиот синод со барање БПЦ да ѝ подаде рака на МПЦ.

На бдеењето пред Синодот се придружи и бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов. „Ние сме овде за да го охрабриме Светиот синод затоа што знаме дека има надворешен притисок против едно правилно решение“, изјави Каракачанов.

OhridNews
извор: „Макфакс“